Митревски: Можеби немаме доволно квалитет или ротација за да се надигруваме со Словенија

Ракометната селекција на Македонија забележа уште еден пораз во квалификациите за следното Европско првенство, прв на домашен терен. Во дербито на колото во Скопје сигурна победа славеше селекцијата на Словенија, која до новите два бода стигна по пресврт и конечен резултат – 26-32.

По дуелот во „Борис Трајковски“ искусниот Никола Митревски беше задоволен од одиграното во првите дваесет минути, но и разочаран за настапот во останатите четириесет од натпреварот.  

„Можеби немаме доволно квалитет и ротација за да играме против квалитетна селекција како Словенија. При наше водство од четири гола во првото полувреме имаше неколку чудни судиски одлуки. Ние сме млада екипа и секако дека таквиот критериум на судење имаше влијание. Не сакам никако да обвинувам за тоа. Не успеавме да се вратиме во второто полувреме. Во првите дваесет минути покажавме дека имаме квалитет и тоа треба да ни служи како пример и да продолжиме така. А во останатите 40 минути да видиме каде грешевме ние самите и да го поправиме тоа во иднина. Игравме против ракометари од светска класа кои играат во врвни клубови и имаат трофеи во ЛШ, како и полуфинале на ЛОИ. Словенија не е ослабена, напротив главните играчи беа тука и беше тешко да се игра против нив“, рече голманот на Еурофарм Пелистер.

Двете селекции за четири дена одново ќе ги одмерат силите, овој пак во Копер, Словенија.