Митревски: Ќе мора и понатаму да се потиме за секоја победа!

Никола Митревски повторно имаше солиден натпревар меѓу стативите, овој пат во дуелот со Грција кој во Струмица нашиот национален тим го доби со 27-23. По дуелот во салата „Парк“, голманот истакна дека оваа генерација ќе мора и понатаму да се поти за секоја победа.

„Добро е што го завршивме натпреварот со победа и без повреди. Добивме еден тежок меч, видовме дека Грција беше мотивирана исто како и против нас во Кожани и покажа дека не е лоша репрезентација. Но, сепак, пресуди нашиот квалитет и мотивираноста да сме први во групата исто како и со Грција. Неблагодарно е да зборуваме за ЕП уште сега, секој меч на големите натпреварувања е приказна за себе. Секој противник е квалитетен и тежок. Нема лесни натпревари. Ќе мора да се потиме за секоја победа“, изјави Митревски.

Македонија ќе игра на петто Европско првенство во низа, а на ждрепката многу веројатно ќе биде класифицирана во вториот шешир.