• Иван Димовски

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски го најави дуелот против Словенија во квалификациите за Европското првенство. Искусниот битолчанец нагласи колку е важно што салата ќе биде полна, меѓутоа ја пофали и селекцијата на Словенија која е редовен учесник на големите собири и е во светскиот врв.
„Тоа што пред десетина дена салата е распродадена, говори за пасијата на нашиот народ кон ракометот и оваа репрезентација.
Словенија е селекција од светскиот врв, учесник на Европски и Светски првенства, на олимписки турнир. Освојувале и медали од големи приредви. Ќе биде тежок натпревар, но тука во „Борис Трајковски“ никој не е фаворит против нас“, изјави Митревски.
Досега во квалификациите Македонија има победа над Естонија дома и изненадувачки пораз кај Литванија. Во мартовската ЕХФ седмица нашата селекција ќе одигра два натпревари против Словенија, првиот е во Скопје, а вториот в недела во Копер.