Митревски има нова улога во репрезентацијата, ќе ги „учи“ своите наследници

Ракометната репрезентација на Македонија денес го имаше првиот собир во пресрет на двата пријателски натпревари против Србија, во рамките од јунската ЕХФ недела.

Селекторот Кирил Лазаров за овие два контролни натпревари се реши да ги тестира квалитетите на помладите ракометари, односно на оние кои играат во домашното првенство. Сепак, еден интернационалец и стандарден првотимец се појави на денешниот собир. Искусниот голман Никола Митревски доби нова улога во репрезентацијата, односно во следниот период ќе ги „учи“ своите наследници.

Во списокот на Лазаров на голманската позиција се најдоа младите Кизиќ и Петковски, како и Даниел Ѓорѓески. 

Поради клупските обврски во Германија, Миркуловски и Јоновски нема да бидат дел од стручниот штаб на Лазаров за време на овие подготовки и двата натпревари со Србија, на 19 и 20 јуни во Ниш.