Митревски ги излуди Данците, Еурофарм Пелистер првпат слави во ЛШ!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа првата победа во седмиот натпревар во Лигата на шампионите и тоа кога никој тоа не го очекуваше. Македонскиот првак славеше во Данска против Фредериција со 23-25, откако во вториот дел го надигра скандинавскиот тим. Одлично издание на екипата на Шундовски во одбрана, а посебно се истакна Митревски со 15 одбрани. 

Битолчани први поведоа преку Петар Атанасијевиќ, но и покрај двете одбрани на Митревски, брзо Фредериција пронајде ритам и поведе со 3-1. Табоада делуваше разиграно како среден бек, а погодуваше и Андерсен. Прв од македонскиот табор се наметна Пешевски со два гола од линијата од шест метри, a Митревски со уште два одбранети зицери потврди дека има свој ден во Данска. 

Екипата на Шундовски играше подобро во одбраната, отколку во нападот, па при 5-5 пропушти две шанси за водство. Фредериција возврати и Мартинусен и Каспер Андерсен донесоа +2 во 20. минута. Никола Митревски целосно ги откажа Данците и од „-3“ битолчани стигнаа до израмнување во 21. минута (8-8). Митревски одбрани и трет седмерец и со 43% успешност го заврши првиот дел. Сепак, нападот на Еурофарм Пелистер беше катастрофален и со мини-серија на крајот од полувремето Фредериција на одмор замина со 12-9.

Вториот дел започна со првите минути за Мамдух и два лесни гола од контра за капитенот Кузмановски. Со далеку подобра игра во нападот Еурофарм Пелистер израмни уште во 34. минута со голот на Павле Атанасијевиќ. Играта „седум на шест“ скапо ги чинеше Данците и Еурофарм Пелистер со голот на Петар Атанасијевиќ на празен гол првпат поведе (13-14). 

„Зелено-белите“ почнаа да веруваат во победа и Радивојевиќ на празен гол и Хосни со индивидуален потег погодија за +2 во 40. минута. Шундовски повика тајм-аут и Кузмановски од тежок агол погоди за 16-19 во 46. минута. Сепак, голема неволја за битолчани беше ударот на Радивојевиќ во главата на Табоада, заради кој Србинот доби директен црвен картон. 

Во последните десет минути се влезе со прекрасна одбрана на Митревски и два блесоци на Павле Атанасијевиќ. Младиот репрезентативец прво постигна гол, а потоа изнуди исклучување. Позитивните минути ги продолжи Хосни со гол за +4 за Еурофарм Пелистер во 51. минута. Сепак, следеше исклучување на Мамдух и грешка на Хосни, па Данците брзо спуштија на 19-21. Сепак, македонскиот првак подаруваше и по грешката во додавање на Хосни, Егерум намали на -1 во 56. минута. 

Сепак, Мамдух избори исклучувања и Пешевски од пивотменската позиција погоди за 21-23 во 58. минута. Следеше уште една одбрана на Митревски и гол на Нејц Цехте за 21-24. Без драма македонскиот шампион славеше со 23-25 и со првата победа во сезоната ги зголеми своите шанси за осминафинале. 

Најефикасни кај Фредериција беа Каспер Андерсен со четири и Мартунесен со три гола, а кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Кузмановски со пет и Пешевски и Хосни со по четири гола. Убедливо прво име на натпреварот беше Никола Митревски со петнаесет интервенции. Двете екипи за три недели играат меѓусебе во Битола во дуелот од следното осмо коло.