• Редакција Gol.mk

Две недели по турнирската победа, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 го совладаа Прилеп и во натпревар за бодови во салата „Ристе Ристевски-Ричко“. Младите битолчани славеа со 29-32 (15-16), во дуел кој го решија со одлични последни петнаесет минути. Првото коло од новата Суперлига донесе гледливо и драматично пелагониско дерби, кое го следеше исполнета трибина и околу илјада љубители на ракометот.
- Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2:
Дуелот започна израмнето и наликуваше на финалето на Меморијалот „Миле Нешкоски“. Честопати резултатот беше израмнет и првиот дел заврши со минимална предност за момците на Алексндар Зарков (15-16). Кај Прилеп се истакна повратникот Димитриоски, а младиот битолски тим го водеа пивотменот Маркоски и Христијан Митревски.
Вториот дел подобро го отворија домаќините и Шабановиќ и Илиоски донесоа предност. Сепак, следеше серија на гостите, голови на Митревски и Белистојановски и при 18-20 во проблеми влезе тимот на Наум Танески. Следеше игра гол за гол и тактичко надмудрување на двата тренери. Со два неодговорени гола на Димитар Димитриоски, еден од игра и еден од седмерец, Прилеп поведе на средина од вториот дел (23-22). Тогаш на сцена стапи Тунижанецот Мохамед Азис и битолчани пак ја вратија минималната предност. Со драма се влезе во последните десет минути и секој напад беше подеднакво значаен. Мартин Јовановски стапи на сцена и одбрани важен зицер од крило при 27-29 во 55. минута. Момците на Зарков се одлепија на +3 и без драма го добија натпреварот со 29-32.
Најефикасен кај Прилеп беше Димитар Димитроски со десет гола, додека во тимот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Христијан Митревски со десет и Маркоски и Белистојановски со по пет погодоци. Важна алка во победата беше голманот на Еурофарм Пелистер 2, Мартин Јовановски со седумнаесет одбрани. Оваа победа е 25-та по ред на Еурофарм Пелистер 2, кој минатата сезона ги доби сите натпревари во Првата лига.
Веќе во следното второ коло младиот тим на Зарков има вистински испит, бидејќи во Битола доаѓа екипата на Вардар 1961.

