Митревски доби дозвола за пат, еден негативен тест го дели од настап на ЕП

Постојат реални шанси Македонија да добие засилување за натпреварот против Црна Гора на Европското првенство. Само еден негативен тест го дели Никола Митревски од настап на шампионатот, бидејќи ракометарот на Порто доби дозвола да патува за Унгарија.

Откако направи неколку антигенски и еден ПЦР-тест во Скопје и на сите беше негативен, само три дена по лажно позитивниот тест на десетти јануари, нашиот репрезентативен голман веќе е на пат за Дебрецин.

Попладнево битолчанецот ќе се тестира во хотелската соба во Дебрецин, а ако тестот е негативен ќе може да им се приклучи на соиграчите на тренинг и да конкурира за место во тимот утре попладне против Црна Гора. 

Искусниот голман брани одлично за Порто, прогласен е за голман на годината во Португалија, а со своите одбрани и статистички е меѓу најдобрите голмани во Лигата на шампионите.