Митревски: Да учиме од светските сили, да не се задоволуваме со било кој резултат!

Никола Митревски одигра уште еден натпревар на врвно ниво во македонскиот дрес. Искусниот голман заедно со своите соиграчи одново ја демолираа Словачка и ја одведоа Македонија на уште едно Светско првенство – осмо во низа, а десетто во историјата. 

По средбата во Скопје, која што заврши со 38-23, членот на Еурофарм Пелистер изјави дека оваа Македонија не се задоволува со каков било резултат и на Светското првенство ќе отпатува мотириван и подготвен за големите предизвици.

„Сосема заслужена двојна победа над Словачка. Првиот натпревар ни беше непознаница, не знаевме колку се квалитетни, игравме добро во Прешов. Видовме дека и тие имаат свои квалитетни играчи, но нашиот квалитет сигурно беше поголем. Игравме од самиот старт максимално и таму и дома, сакавме пред наша публика да ја потврдиме победата и таа да биде што поголема за да се претставиме во поинакво светло од некогаш. Да не се задоволуваме со било каков резултат, да учиме од светските ракометни сили дека не се задоволуваме со било кој резултат и да играме од прва до последна секунда.  Се надевам дека ова ќе биде победа што ќе ни овозможи уште поголеми успеси и победи во иднина.

Ни следи сега настап на Светско првенство, зошто да не направиме и таму нешто? Имаме играчи што играат во европските купови, во силни клубови. Со мала среќа, поволна ждрепка и пред се сите да сме здрави, ќе играме максимално. Благодарност до сите што ни дадоа поддршка, беше убаво да се игра пред полна сала и оваа публика.“, рече Митревски. 

Покрај Митревски, одличен на македонскиот гол беше и Мартин Томовски, тандем кој се очекува да биде меѓу предводниците на селекцијата на Мундијалот во Германија во јануари.