Митревски: Да бидеме како Скандинавците – да ја „убиваме“ секоја грешка на противникот!

Никола Митревски заедно со Марко Кизиќ беа на висината на задачата на уште еден натпревар на Светското првенство. Искусниот голман на Еурофарм Пелистер со своите одбрани во вториот дел ја водеше Македонија до нова победа на шампионатот, откако Катар беше надигран и совладан со 39-34.

Митревски беше задоволен од победата и потенцираше дека во иднина мора да бидеме како Скандинавците - ако им се даде шанса, ќе ја убијат секоја твоја грешка и опуштање. 

„Пред сè, сакам да им честитам на сите играчи и стручниот штаб за одлично одработениот натпревар. Сите се заслужни за победата, ние сме тим, сите работиме заедно, без разлика кој е на терен повеќе, а кој помалку. Дојдовме до разлика која ја држевме, ја зголемувавме, па се намали. Во финишот ако бевме уште малку посериозни, ќе победевме поубедливо. Мора да го научиме тоа, да бидеме како Скандинавците - ако им се даде шанса, ќе ја убијат секоја твоја грешка и опуштање. 

Катарците споро се враќаа назад, успеавме лесно да ги пробиеме. Имавме тактика за нивната одбрана. Чекор напред сме од претходните натпревари кои ги имавме, одиме чекор по чекор полека, да напредуваме. Оваа репрезентација се уште има да учи, за да може да се носиме со оние најдобрите селекции во светот. Само со верба и работа може да се стигне до таму, може за пример да ја земеме една Португалија, која дојде при самиот врв со напорна работа и со собирање на искуство“, рече Митревски.

Македонија на овој шампионат има само еден пораз, од Холандија во првата фаза, а својот последен натпревар во главната група го игра за два дена против Франција