• Саше Љолес

Ракометарите на Порто го совладаа тимот на Целје Пивоварна Лашко (32-30) во 13. коло од групата Б во Лигата на шампионите на ЕХФ. Домашниот состав имаше повеќе од играта, а победата ја заслужи со подобрата игра во првото полувреме.
Португалскиот тим клучната разлика ја создаде во првиот дел, водеше со три гола разлика (14-11) и успеа да ја сочува предноста и покрај одличното издание на Целје во вториот дел. Словенечкиот претставник со ангажирана игра се обиде да дојде барем до бод, но Порто беше преискусен и умешно го затвори натпреварот во своја полза.
Голема заслуга за крајот на црната серија на Порто во Лигата на шампионите имаше нашиот репрезентативен капитен Никола Митревски, кој натпреварот го заврши со 14 успешни интервенции.
Најефикасен во победничкиот табор беше Игнасио Хименез со девет гола, додека кај Целје најмногу се истакна Урош Миличевиќ, кој беше автор на десет погодоци. Порто ја забележа втората победа во групата и стигна до осум бодови, додека Целје нема ниту еден бод во оваа конкуренција.