• Мартин Танасковски
Марко Митев, „мозокот“ на ракометната игра на Алкалоид, го освои првиот голем пехар како член на клубот. Успехот во Купот на Македонија и победата во финалето над Еурофарм Пелистер, како и во полуфиналето над Вардар 1961, ги радува сите играчи, ама се свесни дека ги чека тешка работа во иднина за да бидат подобри и да освојуваат уште пехари.
„Искрено, ова беше многу еуфоричен меч за мене. Ми се случува првпат откако сум на ракометните терени. Не можам да го опишам задоволството и среќата кои ги имам во моментот. Ова ми е прв посериозен пехар во кариерата, верувам дека така ќе се продолжи и понатаму. На овој Ф4-турнир видовме дека можеме да се носиме со секого, но мора да тренираме и да работиме напорно за да бидеме уште подобри и да имаме уште поголеми резултати“, изјави Митев.
Алкалоид до крајот на сезоната го чекаат уште два натпревари во кои ќе го брани третото место на кое се наоѓа сега, а носи место во Европската лига на ЕХФ.