Митев: Дојдени сме на Мундијалот за да победуваме секогаш и со секого!

Марко Митев одигра феноменален натпревар и беше еден од лидерите на Македонија во победата над Катар (39-34) во рамки на Светското првенство (СП).

По натпреварот, средниот бек направи анализа и им честита на сите соиграчи за успехот. Триумфот им го посвети на навивачите.

„Сакам да се заблагодарам за целата поддршка и за навивачите кои не бодреа, како и оние пред малите екрани. Сите навивачи се наша поддршка и ветер во грбот. Со Катар отидовме на се или ништо, знаевме дека мора да победиме. Ова многу значи за Македонија. Сега ни следи Франција, тоа е фаворит селекција, но ние ќе се обидеме да го изненадиме ривалот.

Имаме два дена да се спремиме и да се покажеме во добро издание. На Светското првенство сме дојдени да победуваме, не да губиме. Од сите очекувам да бидат фокусирани од почетокот до крајот, па ние ќе одиме да изненадиме, зошто да не го направиме тоа?“, изјави Митев.

Во последното коло од главната фаза ќе се сретнеме со фаворитот Франција, в сабота во вечерниот термин од 20:30 часот, што ќе биде прв вечерен дуел за нашиот национален тим во втората рунда.