Миркуловски скромен, Бјорнсен херој на Вецлар во триумфот над Гепинген

Ракометарите на Вецлар триумфираа во дуелот од 26. коло од Бундеслигата, дома против Гепинген со минимални 31-30. Тимот каде што настапува Филип Миркуловски имаше резултатска контрола, водеше и со шест голови, но загуби концентрација во финишот и за малку не испушти победа.

Средбата беше отворена неизвесно и се играше егал во првите петнаесет минути. Потоа домаќинот со неколку мини-серии го направи клучниот исчекор кон триумфот. Во продолжението од мечот Вецлар ја одржуваше позитивата, но таа постепено се намалуваше. Финишот можеше многу лесно да понуди поинаков резултат, бидејќи Гепинген беше во налет и постигна три врзани голови, но не успеа да погоди за израмнување.

Најдобар играч на средбата беше Кристијан Бјорнсен со девет голови од десет обиди, а го следеше соиграчот Рубин со седум. Кај Гепинген пет голови дадоа Багерстед и Козина. Поранешниот репрезентативец на Македонија, Миркуловски погоди двапати од трите обиди.

На останатите денешни средби фаворитските улоги ги оправдаа Кил кој славеше кај Минден со 26-29 и Флензбург, кој дома го победи Мелсунген со убедливи 30-23.