Миркуловски се справи со „фенерџијата“, Вецлар врза две победи по ред

Во единствениот денешен натпревар од 23. коло на Бундеслигата, екипата на Вецлар, каде што настапува нашиот Филип Миркуловски, го совлада последно пласираниот тим на Еулен Лудвигсхафен со 25-29. Миркуловски натпреварот го заврши со еден гол и една асистенција.

Со овие бодови „зелените“ се искачија на 13. место и врзаа две победи во низа. Холст со 11 погодоци беше најдобар поединец на средбата, а кај „фенерџијата“ Еулен Лудвигсхафен, Азат Валиулин беше најефикасен со шест гола.

Флензбург е лидер со два бода повеќе од Кил и два натпревари помалку. Рајн Некар Левен на Филип Талески е третопласиран со шест бода помалку и натпреварот помалку во споредба со лидерот. 

Актуелниот шампион Флензбург утре го пречекува Лемго, а во терминот од 16:00 часот се играат уште три натпревари.