Миркуловски погоди само еднаш во победата на Вецлар кај Ерланген

Ракометарите на Вецлар дојдоа до победа на гостувањето кај Ерланген со 31-25 во дуел до 15. коло на Бундеслигата. Натпреварот беше неизвесен до 40. минута, за потоа Вецлар да направи солидна предност. Поранешниот бек на репрезентацијата на Македонија, Филип Миркуловски постигна само еден гол за својот тим. 

Домашната екипа подобро го отвори натпреварот и имаше полетно водство, кое на моменти изнесуваше три гола. Во вториот дел од првото полувреме Вецлар се врати и натпреварот продолжи со игра гол за гол. На полувремето беше нерешено, 18-18. 

По паузата тимот на Миркуловски отвори со мини-серија од 3-0 и го презеде водството, кое успеваше да го контролира. Во последните десет минути концентрацијата на Ерланген целосно попушти, а Вецлар го реши натпреварот. Тие дојдоа и до највисоки плус седум, за во финишот домаќините минимално да намалат. 

На оваа средба ниту седумте гола на домашниот Шиме Ивиќ не беа доволни за позитивен исход. Во победничкиот табор најпрецизен беше Кристијан Бјорнсен со шест погодоци.

Во следното коло Миркуловски и Вецлар го пречекуваат тимот на Штутгарт на нашиот кружен напаѓач Жарко Пешевски. Ерланген следниот викенд повторно игра на домашен паркет, но против Лајпциг.