Миркуловски и Вецлар му го „зедоа скалпот“ на Бергишер, порази за Томовски и Кузмановски

Поранешниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски и Вецлар продолжуваат да бележат одлични резултати во новата сезона на Бундеслигата и вечерва ја запишаа својата трета победа во низа. 

Пред разиграните момци на Вецлар падна Бергишер, тим кој стартуваше перфектно (три победи од три меча) и пред самиот меч беше голем фаворит за двата бода. Но, тоа не го покажа на терен и Вецлар заслужено со минимални 20-22 запиша нови бодови на своето конто. Македонскиот среден бек во оваа победа учествуваше со еден гол.

За разлика од претходните два натпревари, во кои имаше значајна улога и во нападот, вечерва Филип Кузмановски претежно шанса доби само во одбраната и со само еден постигнат гол во самиот финиш го заврши дуелот на неговиот Хановер против Фуксе Берлин. „Лисиците“ уште од првата минута го имаа водството и во ниту еден момент не го ставија во прашање победникот на дербито, па на крај славеа со сигурни 31-27.

Од македонските ракометари вечерва најдобар натпревар имаше голманот Мартин Томовски, но и неговиот тим Лудвигсхафен остана без бодови, откако на свој терен беше поразен од големиот фаворит Магдебург, со резултат 22-28. Нашиот голман зад своето име запиша седум интервенции, четири повеќе од својот колега Шкоф. 

Од вечерашната програма на Бундеслигата екипата на Лајпциг го приреди најголемото изненадување, затоа што како гостин славеше убедливо над големиот фаворит Рајн Некар Левен (23-28). За противникот на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Европската лига ова беше прв пораз во новата сезона, додека Лајпциг ја запиша третата победа од четири натпревари (едно реми).