Миркуловски доби нов договор, ќе остана во Вецлар најмалку до 2025 година

Поранешниот македонски репрезентативец, а сега млад тренер, Филип Миркуловски и во иднина ќе остане како дел од стручниот штаб на бундеслигашот Вецлар.

Миркуловски го продолжи договорот до јуни 2025 година, а заедно со него нови договори добива и останатите членови на стручниот штаб.

„Во Вецлар се чувствувам како дом, тука сум речиси девет години. Се чувстувам многу комфорно во оваа улога и среќен сум што сезонава напредуваме“, изјави Миркуловски. 

Поранешниот среден бек на Металург во 2020 почна тренерска кариера во Вецлар, а во два наврати беше и привремен тренер на тимот.  Минатата недела Миркуловски и неговите соработници од Вецлар беа во Македонија и во живо ги следеа натпреварите Тиквеш - Еурофарм Пелистер и Алкалоид - Вардар 1961.