Миркуловски блесна како некогаш, против Минден го одигра најдобриот меч сезонава! 

По петте неуспеси во низа, четири порази и едно реми, екипата на Вецлар им се врати на победничките патеки во Бундeслигата. 

Во синоќешното дерби, тимот предводен од капитенот Филип Миркуловски, запиша херојска победа над Минден од 26-23, а на паркетот блескаше нашиот поранешен репрезентативец.

Искусниот 36-годишен среден бек на вистински начин ја разигруваше својата екипа, а натпреварот го заврши со шест постигнати погодоци, негов најдобар скор оваа сезона.

Со овој триумф, Вецлар се искачи на десеттата позиција на табелата во Бундеслигата, а победничкиот ритам ќе се обиде да го сочува на дуелот со Репинген, ривал со кој ќе се сретне во следното коло.