• Зоран Мишевски

Поразот од седум разлика од Франција остава горчина во нашиот табор посебно заради начинот на кој го загубивме мечот, посебно во второто полувреме. Таа горчина можеше да се почувствува и кај Филип Миркуловски, кој мина долго време во игра, постигна два гола, добро разигруваше, но како и останатите знае дека грешките прескапо беа платени.
„40-50 минути одигравме одлично и израмнето против оваа Франција. Видовте дека направивме некои грешки кои се должат на пад на концентрација или на недоволно искуство. Но сакам да потенцирам дека цело време бевме во мечот и покажавме дека можеме да играме и со најсилните светски селекции. Можам да бидам горд на тимот и да порачам дека со ваква игра сигурно можеме да им се спротиставиме и на останатите две селекции во групата“, истакна по мечот на кратката средба со новинарите ракометарот на Вецлар, Филип Миркуловски.
Македонските ракометари веднаш по задолжителната допинг контрола заминаа во хотелот „Хилтон“, каде ќе се одморат и ќе го следат наредниот ривал, Полска.