• Зоран Мишевски
Европа остана воодушевена од играта на норвешката репрезентација на синоќешниот натпревар против Полска и многу наши навивачи се запрашаа какви се опциите на македонската репрезентација против младата и полетна Норвешка. Но, секој меч е посебна приказна, па не мора ништо да значи убедливото скандинавско издание во перспектива на мечот со Лазаров и другарите.
„Ќе биде тешко и со Македонија и со Франција. Сите тимови играат многу добро, не знаеме што да очекуваме, бидејќи ќе се сретнеме со нови репрезентации. Мислам дека многу тимови во Европа се на исто ниво. Норвешка и Македонија и многу други се натпреваруваат на исто ниво, а Хрватска, Данска, Франција, Шпанија и Полска се малку подобри од останатите“, велеше пивотменот Бјарте Мирхол уште пред да слави со својата селекција против домаќинот.
Тој се осврна и на големиот број дебитанти во норвешката репрезентација на големата приредба кои имаат недвојбено светла иднина.
„Ние имаме многу млади играчи, а веќе се натпреваруваат во големи клубови. Норвешка е тимот за иднината“, убедено заклучи Мирхол.
Мечот на Македонија со Норвешка се игра в понеделник од 18.15 часот.






