Милосављевиќ на пат за Битола, шампионот добива ново бековско засилување?

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер е на чекор да го договори своето второ засилување за следната сезона, пишува „Балкан Хендол“. „Зелено-белите“ во новата сезона се враќаат во Лигата на шампионите, а поради тоа раководството и стручниот штаб имаат полни раце работа во овој период. 

По заминувањето на седум играчи, Звонко Шундовски и Александар Јовиќ веќе бараат адекватни замени, а на почетокот на преодниот рок во центарот на вниманието се ракометари од Балканот. По потписот на одличниот словенечки десен бек Нејц Цехте, наводно во Битола ќе се пресели и српскиот репрезентативец Марко Милосављевиќ.

25-годишниот белграѓанец, кој експлодираше во репрезентативниот дрес на СП 2023, е блиску до договор со македонскиот шампион. „Балкан Хендбол“ пишува дека главното прашање е висината на обештетувањето што Еурофарм Пелистер ќе треба да му го плати на Адемар Леон, клуб во кој левиот бек ја игра втората сезона.

Квалитетот на Милосављевиќ и во офанзива и во дефанзива е неспорен, како и потенцијалот да се издигне на повисоко ниво. Во тоа може да му помогне сезоната на играње во најквалитетното европско натпреварување.