• Иван Димовски
Херојот на Фуксе Берлин во победата од 22-30 над Еурофарм Пелистер беше Дејан Милосављев. Поранешниот голман на Вардар одигра клучна улога во салата „Боро Чурлевски“ и го водеше тимот низ натпреварот со своите интервенции. По мечот тој зборуваше за првото славје во Лигата на шампионите.
„Среќен сум за оваа прва победа во Лигата на шампионите, многу важни поени за нас. Атмосферата е многу добра за да се игра. Од првиот ден кога дојдовме тука, чувствував дека луѓето се многу фини кон нас. Одигравме добро и против Веспрем, имавме се во свои раце. Денес исто така одигравме квалитетно, важно беше да имаме предност на полувреме. Промашивме доста шутеви, но добро се заврши по нас. Играме на два тешки фронта, во Лигата на шампионите и во Бундеслигата, па разбирлив е заморот. Јас лично одиграв емотивен натпревар и задоволен сум од резултатот.
Морам да нагласам дека е одлично да се игра тука, во оваа арена, пред оваа публика во овој регион од Македонија“, изјави Милосављев.
Инаку, Милосављев го заврши натпреварот во Битола со четиринаесет интервенции.