• Горан Упале

Фуксе Берлин ќе биде еден од четирите тимови кои што овој викенд ќе се борат за најпрестижниот ракометен трофеј во Европа. Во пресрет на фајнал-фор турнирот во Келн, Дејан Милосављев за „Моцарт Спорт“ зборуваше на повеќе теми, а секако се наврати и на времето кога настапуваше за македонски Вардар.
„Кога ја освоив титулата со Вардар во 2019 година, дојдовме како аутсајдери, како најниско рангирани, а на крајот бевме шампиони. Финалниот турнир е нешто посебно, различно од сè друго. Два натпревари за два дена, исцрпувачки распоред. Детали одлучуваат, кој ќе има повеќе расположени поединци, кој голман ќе го има денот“, рече одличниот голман.
Последните месеци се шпекулира за негово заминување од Берлин по крајот на договорот, а како можни следни дестинации се споменуваат Веспрем, ПИК Сегед, па дури и Барселона.
„Чекам Берлин да даде изјасни. Досега, клубот е нејасен. Влегувам во последната година од мојот договор, а засега не знам каде ќе играм од 2026 година. Едно е сигурно – нема да ја започнам следната сезона без договор. Така е во ракометот, однапред знаеш каде ќе ја продолжиш кариерата. Ми треба мир, да знам што ме чека во иднина. Таков беше случајот кога бранев за Вардар, претходно се согласив да се преселам во Берлин. Ќе видиме како ќе помине овој завршен турнир во Келн, па од следниот понеделник ќе знаеме повеќе“, додаде Милосављев.
Во полуфиналето Фуксе Берлин за ривал ќе го има Нант, додека во другиот натпревар ќе се судрат Барселона и Магдебург.