• Саше Љолес
Екипата на Фуксе Берлин го задржа лидерскиот статус во Бундеслигата, откако славеше над Магдебург на гостински терен со конечен резултат 30-33 во натпреварот од 23. коло.
Гостите од главниот град имаа два гола предност на паузата (15-17), а во вториот дел видовме голема битка од домаќинот, кој се обидуваше да парира и да се врати во игра, а тоа најдобро се потврдува со неколкуте промени на водството.
Магдебург имаше свои моменти, но Фуксе потоа постојано се одржуваше на 2-3 гола предност и на крајот сосема заслужено ги впиша бодовите на своето салдо, благодарение на одличните Фрајхофер и Милосављев.
Екс-вардарецот Михајло Марсениќ постигна пет гола, а на спротивната страна маестрален беше Феликс Клар, кој впиша дупло голови повеќе. Дејан Милосављев беше неверојатен на голот на Фуксе, бележејќи дури шеснаесет успешни интервенции.
Фуксе Берлин има 37 бода, исто колку и второпласираниот Хановер. Магдебург е на шестата позиција со девет бода помалку од водечките екипи.