Милосављев го менува Хајневетер на голот на Фуксе Берлин!?

Германскиот прволигаш Фуксе Берлин на крајот од сезоната ќе се раздели со искусниот голман Силвио Хајневетер. 

Тоа ги тера челниците на клубот да се фокусираат кон пронаоѓање на негова замена. 34-годишникот одби едногодишен договор со „лисиците“ и реши да си замине од екипата во која што настапува од 2009 година.

Медиумите во Германија шпекулираат дека постојат две опции од кои ќе се бира за да се пополни празнината на голманската позиција.

Првата е репрезентативецот Андреас Волф, кој има уште една година од договорот со Киелце. Но, поради финансиските проблеми на полскиот првак многу веројатно е тој да се врати во својата држава.

Втората и поверојатна опција е Дејан Милосављев од редовите на Вардар. 23-годишниот српски голман блеска во тековната сезона во „црно-црвениот“ дрес на македонскиот првак, кој се очекува да се раздели со голем број на ракометари.

Причината е заминувањето на сопственикот Сергеј Самсоненко, кој јавно потврди дека не може повеќе да го издржи трошокот кој е потребен да се води еден ракометен гигант.