Милиќ: Во Вардар дојдов случајно – Раул не ме сакаше, бев миленик на Сергеј!

Миленикот на вардаровата публика, Страхиња Милиќ, му се врати на ракометот. Чуварот на мрежата ќе стои на голот на Партизан, а во интервјуто како најава на кам-бекот говореше за времето во Скопје.

Голманот доби раскин на договорот во Вардар поради проблеми со килограмите. Евидентно е дека Милиќ повторно ги има истите проблеми и на кам-бекот во Партизан и сега изгледа двојно поголем од она што беше додека го носеше „црвено-црниот“ дрес.

„По три месеци без ракомет бев во Македонија и го гледав мечот Вардар - Киелце, страшно дерби во ЛШ. Го гледав мечот како никогаш да не сум играл ракомет и да не ме интересира. Си реков што се случува со мене. Мојата агонија траеше некаде две години, ме мрзеше да доаѓам на тренинзи и да се пресоблекувам. Во Скопје имавме добри договори, секаде бев добродојден... Меѓутоа, не го покажував најдоброто од себе. Не бев во добри односи со Раул Гонзалез. Бев измеѓу два огна. Претседателот ме сакаше. Сергеј Самсоненко не даваше да си одам. Тоа траеше две години“, започна Милиќ.

Потоа тој говореше како дошло до трансфер во редовите на македонскиот и се уште актуелен европски првак.

„Јас во Вардар дојдов сосема случајно. Тренер беше Веселин Вујовиќ, Борко Ристовски замина во Гумерсбах и требаше да бидам таму три месеци. Бев пред потпис со Мелсунген, а во Скопје дојдов затоа што и на мене и на Партизан ни требаа пари. Титулата веќе ја имавме осигурано. Потоа добив понуда на една година, сите ми велеа дали си нормален што ке го потпишеш тоа, гледај да одиш во странство. Останав, тогаш беа тука Вујо и Михајло Михајловски. Потоа се појави Самсоненко. Тој дојде во женскиот клуб, потоа кога го виде дербито Вардар - Металург му се допадна тој набој и реши да влезе и во машкиот тим. Следеа вложувања во светски играчи, дојдоа Чупиќ, Штербик, Лацковиќ... останатото е историја. Ја освоивме ЛШ, им ја затворивме устата на сите што сакаа да шират дезинформации“, раскажа популарниот Џамбо.

  • Изјавата на Страхиња Милиќ:

29-годишниот Србин настапуваше за Вардар од 2012 до 2018 година и освои по пет титули во Суперлигата и во Купот на Македонија, четири во СЕХА-лигата и една во Лигата на шампионите.