• Иван Димовски

Ракометарите на Вардар 1961 гостуваат кај Еурофарм Пелистер во рамките на петтото коло од плеј-оф фазата во Суперлигата на Македонија. „Црвено-црните“ се под императив, мора да дојдат до позитивен резултат во дербито за да одржат чекор во борбата за титулата.
Во пресрет на „вечното дерби“ во Битола, во разговор за Gol.mk своите очекувања ги изнесе тренерот Гиљермо Милано. Тој започна за значењето на натпреварот, коментирајќи ја ситуацијата во тимот и здравствениот билтен.
„Ова е само уште еден натпревар за нас, но сепак е дерби со огромен влог и тоа носи екстра мотивација. Групата работи со одличен интензитет и подготвена е за моментот. Атмосферата е позитивна и сите се фокусирани. Сите наши ракометари се 100% подготвени и максимално мотивирани да се натпреваруваат. Ова е важен момент за нас и сите се подготвени да придонесат“, започна Аргентинецот.
Предводникот на вардарци се осврна и на противникот, а зборуваше и за потенцијални изненадувања од Раул Алонсо за кој има пофални зборови.
„Секогаш се подготвуваме за најдобрата верзија на ривалот, а многу го почитуваме Раул Алонсо и неговата работа. Тој е тренер кој секогаш има нови идеи, па мора да бидеме подготвени. Сепак, ние веруваме во својата игра и фокусот ќе го ставиме на тоа: да одиграме со карактер и дисциплина.
Пелистер е квалитетен тим со талентирани ракометари, го почитуваме тоа што го направија досега. Плеј-офот е многу поинакво натпреварување од првиот дел од сезоната. Притисокот е тука за двата тима. Сепак, во Вардар ние се трудиме тоа да го претвориме во енергија, а не во страв. Таков е нашиот начин на размислување“, смета Милано.
На крајот, не можевме да не го прашаме аргентинскиот стратег за амбициите на Вардар и што очекува во продолжението од сезоната.
„Ние сме амбициозни, ама и реалистични. Знаеме што е потребно, подготвени сме да дадеме сè што можеме за да ги исполниме своите цели. Играчите се посветени, стручниот тим е сплотен и фановите секогаш се зад нас. Тоа ни дава самодоверба. Навистина веруваме во нашиот пат и ќе се бориме до самиот крај“, заврши аргентинскиот тренер на Вардар.
На гостувањето во Битола скопскиот тим доаѓа со бод помалку од пелистерци поради регуларниот дел од сезоната.
Дербито во „Боро Чурлевски“ се игра во терминот од 18:30 часот.