Милано ќе го „плати цехот“ за неуспехот, Аргентинецот е пред отказ во Вардар

Ракометниот клуб Вардар 1961 на болен начин ја загуби битката за титулата во Суперлигата, со пораз од директниот конкурент Еурофарм Пелистер во последното првенствено коло и тоа пред полни трибини во СЦ „Јане Сандански“. Поразот видно ги разниша сите во „црвено-црниот“ табор и болката беше видлива уште веднаш по мечот. 

Поради тоа, управата донесе одлука за тренерска смена во пресрет на новата сезона. Вардар гради силен тим со кој сака достојно да се претстави во Европа и да ја врати титулата, ама според сознанијата на Gol.mk тимот повеќе нема да биде предводен од Гиљермо Милано. Аргентинскиот стратег кој ја презеде екипата по стартот на оваа сезона некаде на крајот на октомври успеа да донесе трофеј во Купот на Македонија, ама не и во Суперлигата. 

Милано го водеше Вардар на вкупно 29 официјални натпревари, од нив дури на 25 победи, додека по два меча беа нерешени и загубени. Цела пролет „црвено-црните“ беа непоразени во мак-ракометот, а тоа се сруши во последното коло против пелистерци.

Вардар ќе треба во наредниот период прво официјално да ја потврди одлуката за промена на тренерот, а потоа и да го избере неговиот наследник. За следната сезона дојдоа одлични засилувања и тимот ќе треба да биде внимателен во изборот на нов тренер ако сака да се врати на врвот во мак-ракометот.