Милано: Чест е да водиш еден од најпрестижните клубови во Европа!

Двократниот европски првак Вардар 1961 го промовира наследникот на Владо Недановски, а тоа ќе биде аргентинскиот селектор Ѓилермо Милано. Се работи за искусен стратег кој е на чело на репрезентацијата на Аргентина од 2021 година, претходно беше асистент, а работеше и во младинските категории.

По потврдата за клупскиот сајт Милано првпат се обрати на јавноста. Тој откри дека му е чест да седне на тренерското столче на клуб кој двапати ја освои Лигата на шампионите.

„Огромна чест е да добиеш повик од еден од најпрестижните тимови во Европа. И ја имав привилегијата да го следам клубот долги години во нивните настапи во Лигата на шампионите. Од Македонија ја покорија Европа со својот нескршлив карактер и борбеност инспирирајќи ги ракометните фанови насекаде.

Како што го носам моето 20-годишно искуство со аргентинските репрезентации, исто така се обврзувам да и пристапам на оваа улога препознавајќи го наследството на големите тренери кои беа пред мене. Целосно сум посветен да дадам сè за Вардар, да оставам сè на теренот и да придонесам за континуиран успех на тимот. Возбуден сум што ќе бидам дел од ова ново поглавје во мојата кариера и ќе помогнам да се напише следното поглавје во историјата на Вардар“, изјави Милано.

Милано се очекува да пристигне во Скопје во наредните денови и да ја преземе клупата од Стојанче Стоилов кој привремено ја вршеше функцијата. Договорот со Аргентинецот е потпишан до крајот на сезоната, со можност за продолжување.