Михаљевиќ и следната сезона ќе го брани голот на Пролет

Екипата на Пролет го продолжи договорот со Данило Михаљевиќ на уште една година. 

Искусниот голман пристигна во скопскиот тим минатото лето, ги задоволи барањата на управата и заслужено доби нов договор. Двете страни без потешкотии ги договорија деталите и Михаљевиќ стави потпис. 

„Презадоволни сме од сето она што Данило го покажа на голот на Тинекс Пролет од моментот на неговото доаѓање па се до ден денеска. Тој е вистински професионалец, играч што е тука за тимот и за соиграчите и презадоволни сме што останува во Пролет уште најмалку една година.

Нема дилема дека повторно ќе атакуваме на висок пласман, цел ни е најпрвин да влеземе во плејофот, а потоа и да се бориме за место во Европа. Младите играчи кои добија шанса изминатите месеци ќе бидат поискусни, речиси сите првотимци ќе останат, а во преговори сме за доведување на две до три квалитетни засилувања“, изјави директорот на клубот, Сашо Огњеновски. 

Пролет сезонава не успеа да се бори за Европа, туку во плеј-офот го зазема последното осмо место. Клубот сезонава остана без неколку клучни ракометари, меѓутоа директорот најави засилување на ростерот и високи амбиции за следната сезона.