Михајловски за Gol.mk: Татабања или Олимпијакос ќе биде последниот учесник во СЕХА (ВИДЕО)

Регионалната СЕХА лига се наоѓа пред финализација на составот на екипи за сезоната 2019/20. Веќе се познати 11 екипи од вкупно 12 кои ќе играат во деветтата сезона, Мотор Запорожје потпиша договор и ќе биде првиог украински клуб кој ќе настапува во СЕХА лигата,

Според претседателот на натпреварувањето Михајло Михајловски последниот учесник во лигата ќе биде избран меѓу Татабања од Унгарија и Олимпијакос од Грција.

„Сега ќе имаме нов систем на натпреварување, две групи со по шест екипи. Имаме 11 „зацементирани“ тимови, наместо Металург ќе игра Еурофарм Работник, наместо Железничар, Србија ќе ја претставува Металопластика. СЕХА лигата ќе биде поквалитетна, поненапорна затоа што ќе има 5-6 натпревари помалку по сезона. 12-та екипа ќе биде или Татабања или Олимпијакос или некое трето изненадување за кое до крајот на неделата ќе знаеме и ние и целата јавност“, ни рече Михајловски.

  • Погледнете го интервјуто со Михајло Михајловски:

Од следната сезона лигата се дели на две групи по шест екипи, а најдобрите четири од секоја ќе се пласираат во елиминационата фаза. 

Титулата од минатата сезона ја брани Вардар, екипа која е најчест освојувач на СЕХА лигата, а Македонија ќе ја претставува и вицешампионот Еурофарм Работник.