Михајловски: Уште среден и десен бек и мојот Вардар ќе биде комплетен

Ако пред две недели супер-активен беше Еурофарм Пелистер, сега ред е на Вардар. Секојдневно „црвено-црните“ преговараат и реализираат трансфери како би биле компетитивни следната сезона.

Од денес нов член на двојниот европски првак е Филип Талески. Претседателот Михајло Михајловски не го криеше задоволството од доведувањето на репрезентативецот и најави дека сега ќе се концентрира на среден и десен бек.

<<< ПОВРЗАНО - ОФИЦИЈАЛНО: Талески му кажа ДА на Вардар, се согласи на едногодишен договор

„Вчера постигнавме договор со Талески и драго ми е што ќе биде дел од нашиот ростер за следната сезона. Неговото доаѓање не исклучува ниту еден од останатите бекови од ростерот. Следната сезона на лев бек ќе играат Санталов, Талески, Дисингер и Атанасовски. Задоволен сум од тоа што го имаме.

Проектот полека се комплетира и ни недостига само уште еден среден и еден десен бек и ростерот на Вардар ќе биде затворен“, рече за Gol.mk, Михајловски. 

Вардар ќе има целосно изменет лик следната сезона, ќе се потпре на млади засилувања. Сите ракометари кои пристигнаа пролетва се ракометари помлади од 25 години, нешто што не беше случај во претходните преодни рокови, кога главно Самсоненко ангажираше проверени имиња и големи ѕвезди.