Михајловски: Најдовме решение, играчите се исплатени, Вардар е во ЛШ!

Најтрофјениот македонски ракометен клуб Вардар ги разреши сите дилеми кои ги имаше со Европската куќа на ракометот (ЕХФ) и сигурно ќе игра следната сезона во Лигата на шампионите! Информацијата за Gol.mk ја потврди првиот човек на клубот, Михајло Михајловски.

ЕХФ бараше депозит од еден милион евра од страна на Вардар до 27 јули поради стари долгови. Клубот и играчите најдоа заедничко решение, старите долгови кои настанаа во ерата на Самсоненко се исплатени и учеството на Вардар 1961 во елитата е сигурно.

„Бевме сето ова време во комуникација со ЕХФ, постоеше барање за депозит до Вардар и за истото е најдено заедничко решение. Направена е варијанта која е најдобра и за играчите и за ЕХФ и за клубот и можам да потврдам дека следната година нашиот тим ќе игра во Лигата на шампионите“, ни изјави Михајловски.

Вардар моментално е на подготовки во Златибор. а ростерот на играчи во моментов е во принцип затворен.

„Нашиот ростер е во принцип затворен, играчите се на подготовки во Златибор. Остануваме на она тврдење од пред извесно време, дека оваа екипа на Вардар е 30% посилна од екипата од ланската сезона“, додава Михајловски.

За опцијата дали постои можност Вардар да донесе нов играч до стартот на новата сезона, Михајловски кажа дека тоа ќе биде остварливо само ако се појави некој нов помагател или спонзор.

„Ростерот горе-долу е тој. Ако во нареден период се појави некој нов спонзор или помагател на Вардар, еве сакам да испратам еден апел до сите бизнисмени да размислат за тоа, ќе може да донесеме и уште некој играч до стартот на новата сезона. Нашите амбиции остануваат истите, тоа е двојна титула на домашната сцена, место меѓу најдобрите во Лигата на шампионите и финале во СЕХА-лигата за оваа година“, заврши првиот човек на македонскиот првак.

Вардар во новата сезона ќе биде предводен од црногорскиот стратег Веселин Вујовиќ, а досега ги донесе Мартин Томовски, Али Сафар, Јан Чувара, Дарко Ѓукиќ, Џереми Тото, Анте Кудуз, Едуардо Гурбиндо, Јоел Куни Моралес и Диало Бакари.