Михајловски најави повлекување од Вардар, ама не веднаш!

Откако Сергеј Самсоненко го напушти ракометниот клуб Вардар, на чело на најтрофејниот македонски ракометен колектив се врати поранешниот прв човек, Михајло Михајловски. Големиот спортски работник и вљубеник во „црвено-црното“ семејство во претходните две години се бореше да го врати клубот на стабилни нозе, но наиде на нова неочекувана пречка. Овој пат од страна на Европската ракометна федерација (EХФ).

На денешната прес-конференција по повод исфрлањето на Вардар од Лигата на шампионите, Михајловски меѓу другото и најави свое заминување од претседателската функција на клубот.

„Не зборувам многу за моите години, ги имам 75 и ја користам оваа прилика да најавам мое заминување, но не веднаш, не во овој момент. Мојата цел уште кога се вратив во клубот беше да се најдат стабилни спонзори кои ќа ја продолжат традицијата на РК Вардар, да остане македонски спортски бренд и во иднина. Се обидувам да најдам некој што ќе ме замени и ќе го раководи клубот.

На играчите им кажав, јас ќе најавам оставка, ама нема да го оставам Вардар. Сакам долговите да се расчистат, заедно со Сергеј, за да нема проблеми и догодина. Испративме писма до 37 компании да бидат спонзори, како и до сите останати кои можат да помогнат. Ќе бидам тука додека се потпишат договори, да се расчистат споровите и така клубот да продолжи со светла иднина. Тоа значи да се игра во Европа, таму ни е местото според квалитет. Иако освојувањето на европски титули е далечно, треба да се бориме секоја година за нокаут фазата. Многу побогати клубови не успевале да го освојат трофејот во ова натпреварување“, изјави Михајловски.

Вардар во следната сезона ќе биде предводен од Владо Недановски, кој по заминувањето на Дејвис одново ќе го води првиот тим на македонскиот шампион.