Михајловски: Ѓукиќ, Кудуз и Шеваљевиќ се наши, а за друго – времето ќе покаже!

Актуелниот македонски ракометен првак Вардар се активира на трансфер-пазарот. Многу имиња се поврзуваат со „црвено-црните“, а за она што досега е договорено, или што е пред договор, Gol.mk доби коментар од првиот човек на клубот Михајло Михајловски.

Човекот кој го застана Вардар повторно на здрави нозе по заминувањето на Сергеј Самсоненко вели дека тимот досега има договорено тројца нови играчи. Еден е за оваа сезона, црногорскиот капитен Васко Шеваљевиќ, а за наредната доаѓаат српскиот репрезентативец Дарко Ѓукиќ и хрватскиот бек Анте Кудуз.

„За идната сезона кај нас потпиша десното крило Дарко Ѓукиќ кој играше и во Мешков Брест, Киелце... тој ќе биде на местото на Чупиќ кој се враќа во Хрватска и ќе игра за ППД Загреб. По неговиот договор брзо реагиравме да обезбедиме соодветна замена. Се работи за српски репрезентативец и добар играч, па сметаме дека завршивме добра работа со замената. Го добивме и Анте Кудуз од Динамо Букурешт, повремен репрезентативец на Хрватска. Како што е познато го потпишавме и Васко Шеваљевиќ, долгогодишен црногорски репрезентативец, лев бек, а разликата е што тој веднаш ќе ни се стави на располагање. Тоа е сè сега за сега“, ни изјави Михајловски.

Левата бековска позиција во Вардар во иднина ќе биде најмногу „оптеретена“. Конкуренцијата е голема, таму се Дисингер, Талески, Шеваљевиќ, Мишевски, уште неколку играчи од актуелниот тим може да играат како лев бек, па дали може да се очекуваат заминувања, или евентуално играчи на другите позиции?

„Точно е дека ќе имаме неколку играчи на таа лева бековска позиција, засега тука се Дисингер, Талески, Шеваљевиќ, Мишевски... па ќе видиме што ќе биде. Што се однесува до евентуални нови ирачи, не би можел сега да зборувам на таа тема и не би сакал да шпекулирам, па да не испадне. Времето ќе покаже. Она што засега е сигурно завршено и потпишано, нешто што е сигурно точно, се дека наши играчи се Ѓукиќ, Кудуз и Шеваљевиќ“, додава првиот човек на најтрофејниот колектив.

Амбициите на Вардар за оваа сезона не се менуваат. Се посакуваат титулите на домашната сцена, Ф4-турнир во СЕХА-лигата, а во Лигата на шампионите не може да се прогнозира што ќе биде поради пеколниот февруари и тешкиот распоред, но се посакува пласман во наредната рунда.

„Со овој тим поставените амбиции ни се исти како и претходно. Двојна титула во Македонија, во СЕХА-лигата да играме на Ф4, објективно, да се бориме за тоа второ место затоа што Веспрем е подобар од нас, а за Лигата на шампионите имаме доста одложени натпревари, мал кикс со Порто дома, со Мешков Брест на гости загубивме добиен натпревар... ама има уште многу да се игра. Сакаме да играме во втор круг, а како понатаму, ќе видиме што ќе биде. Исто така се ќе зависи од коронавирусот, гледате дека во февруари ќе одиграме многу натпревари во Лигата на шампионите“, заврши газдата на вардарци.

Вардар ја отвори 2021 година со триумф над Војводина во СЕХА-лигата. Следи уште еден меч во регионалното натпреварување, против Нексе, а потоа почнува пеколниот ритам со седум натпревари во Лигата на шампионите во само дваесетина дена.