Михаил Иваноски: Верувам дека можеме да бидеме поуспешни од ланската сезона

Победникот на Купот на Македонија, Алкалоид домашната база во „Автокоманда“ ја замени со тренинг камп на Маврово, каде што десет дена ќе се одработуваат подготовки што ќе претставуваат основа врз која ќе се гради посакуваната натпреварувачка форма потребна за битката на четирите фронта која ќе почне со дуелот од македонскиот Суперкуп против првакот Еурофарм Пелистер.

Сезонава на располагање на тренерот Кирил Лазаров ќе бидат и четири нови ракометари кои дојдоа во летниот преоден рок и треба да ја надополнат и балансираат екипата. Тие се веќе во тренажен процес и се вклопуваат со системот на работа на Алкалоид. Нивните амбиции се јасни, а очекувањата големи.

„Претходната сезона за мене не беше лесна затоа што имав повреда, но втората полусезона ја искористив максимално. Оваа сезона се надевам дека ќе помогнам на Алкалоид во остварувањето на резултатите и да постигнеме поголем успех од лани.

Желба ми е да се одбрани Куп-трофејот и ако влеземе во шанса, да играме за највисок дострел на домашната сцена. Ќе играме и во ЕХФ Куп, а таму очекувам да отидеме далеку и секој натпревар да бидеме се подобри и подобри“, рече младиот Михаил Иваноски. 

По фазата на подготовки во Маврово, Алкалоид ќе игра на турнирот во Охрид кон крајот на месецот.