Мицевска: Трите победи нè мотивираат да донесеме уште многу радости во Македонија

Женската ракометна репрезентација на Македонија одново се избори за бараж за еден планетарен собир. Откако нашите девојки одиграа фантастичен квалификациски турнир во Скопје и запишаа три победи од исто толку натпревари, по третпат во низа се на само еден чекор до пласман на едно Светско првенство. 

Покрај Сара Ристовска, која беше прв стрелец на овој турнир, една од најдобрите во нашиот табор беше голманката Јована Мицевска. По големиот успех 20-годишната ракометарка за Gol.mk не го криеше задоволството од трите победи и обезбедениот бараж.

„Морам да кажам дека работевме напорно и физички и психички, се подготвувавме за овие натпревари кои ни беа од голема важност. Секој еден во репрезентацијата без разлика дали станува збор за помлад или поискусен играч, знае колкава е одговорноста да се биде репрезентативец и сето тоа вроди плод. Среќна сум што овој циклус на натпревари го добивме со 3/3 и ќе се потрудиме да го задржиме посакуваниот резултат на победи“, вели Мицевска.

Таа вели дека по долгата пауза репрезентацијата им недостигаше на сите, а вети уште многу големи борби за нови успеси.

„Секако дека сум задоволна постигнавме три значајни победи. Искрено, ни недостасуваше репрезентацијата, но после толкав период на пауза, сметам дека позитивно ги завршивме трите меча. Тоа нè мотивира да продолжиме понатаму да се бориме и да ѝ донесеме уште многу победи на Македонија“, додаде младата ракометарка.

Мицевска беше нашата хероина на натпреварот со Грција, затоа што во последните секунди успеа да одбрани зицер со кој Македонија стигна до трета победа во квалификацискиот турнир.

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: „Златната одбрана“ на Мицевска која ја остави Македонија перфектна!

„Тоа беше во последните секунди, така што очекуваш шутот да дојде од секоја позиција. Најважно е во тие моменти да се задржи концентацијата и максимално да се потрудиш да дадеш свој придонес за позитивен резултат“, открива Мицевска. 

Противник на Македонија во баражот за Светското првенство е селекцијата на Романија, а Мицевска смета дека нашите шанси за успех во овој двомеч не се невоможни.

„Секако дека може. Македонија има одлични ракометарки и верувам дека ќе го оставиме срцето на терен и дека ќе се бориме, се надевам дека ќе ја израдуваме нашата нација. Ни падна доста квалитетна репрезентација, со врвни имиња, на нас ни останува да бидеме фокисирани, дисциплинирани и да го одработиме тоа што се договараме“, вели поранешната голманка на Вардар.

Мицевска покрај позитивните настапи за Македонија, оваа сезона брани во врвна форма и во дресот на Ница со кој ќе игра за трофејот во Купот на Франција.

„На клупско ниво морам да кажам дека овој период не ни беше воопшто лесен, имајќи предвид дека игравме среда-сабота, а патувањата помеѓу натпреварите ни беа долги. Во секој случај успеавме да се носиме со обврските и одговорноста и постигнавме одлични резултати. Со мојот клуб очекуваме влез во финалето на Купот и нормално што подобар пласман во лигата“, заврши нашата репрезентативка.

Мицевска е само една од бројните млади ракометарки во нашата селекција, на кои селекторот Симе Симевски и тоа како ќе може да смета во иднина. Таа, својата кариера ја започна во вториот тим на Вардар, а во сезоната 2017/18 бранеше во Лигата на шампионите за првиот тим на „црвено-црните“.