Металург заминува на француска турнеја, договорени пет пријателски натпревари

По десетдневните тренинзи во Автокоманда, Металург од утре подготовките за претстојната полусезона ќе ги продолжи во Франција, каде ги очекува учество на турнирот во Гренобл, а потоа и неколку пријателски средби со реномирани екипи од Франција.

Во Гренобл, Металург ќе настапи на престижниот турнир „Мастер Гренобл“, заедно со домаќинот, со шпанската Бидасоа Ирун, како и со францускиот Истр. Турнирот ќе се одигра на 19 и 20 јануари. Првиот ден ќе се одиграат двете полуфинални средби, а следниот ден натпреварот за третото место и финалето.

По овој турнир, во периодот од 22 до 24 јануари, Металург ќе одигра три пријателски средби на кои ќе ги измери силите со француските екипи Екс Прованс, Ним и Ст. Рафаел.

Првиот официјален натпревар на Металург во 2019 година е закажан на 2 февруари, кога во рамките на 14. коло на СЕХА-лигата во Скопје ќе ја дочека екипата на ППД Загреб.