Металург тренираше во „Спортхале Холгасе“, со 13 ракометари против Фајверс

Македонскиот претставник во Европската лига, Металург, го одржа единствениот тренинг пред вечерашното соочување со тимот на Фајверс.

Поранешниот шампион во Суперлигата, утринава ја почувствува подлогата во „Спортхале Холгасе“ во Виена, а тренерот Димитриоски ги подели последните совети во пресрет на мечот со тимот кој во нивното прво соочување во Скопје одиграа без победник (33-33).

Металург и на оваа средба ќе биде видно ослабен, затоа што за Австрија отпатува со 13 ракометари од кои тројца голмани. Недостасуваат Лазаревски, Хорват, Маркоски и Тодески, а позитивна вест за металурзите е враќањето во тимот на средниот бек Тарабокија кој против Чеховски Медведи во претходното коло имаше сосема солиден настап. 

Дуелот меѓу Фајверс и Металург се игра од 20:45 часот, а за главни судии се делегирани Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка.