Металург со нов европски „потоп“, прими 45 гола од Фајверс

Екипата на Металург тешко дека ќе победи некој на терен до крајот на групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Тимот од Автокоманда доживеа „потоп“ на гости кај Фајверс (45-30) во Виена и останува закован на дното.

Фајверс беше единствениот тим против кого Металург освои бод во Европа оваа година (33-33 во Скопје), но на теренот во Виена ситуацијата беше различна и домашните доминираа од првата до последната минута.

Металург дојде на гости со 13 ракометари поради ситуацијата со ковид-19, па не беше лесно да се парира на противникот. Кога Фајверс се одлепи на 9-2, беше јасно каков ќе биде конечниот епилог. Избраниците на Димитриоски само бркаа резултат, но разликата констатно беше над осум гола. Највисоко што Фајверс водеше на натпреварот беше во финишот, кога на семафорот стоеше +15 (45-30).

Брантфелнер и Хутечек со по седум реализации беа најдобри кај Фајверс, пред Дамбок и Мартиновиќ со по шест, додека кај Металург, Поповиќ даде девет, Шилегов имаше пет, а Додиќ и Серафимов реализираа по три пати.

Македонскиот претставник во Европската лига на ЕХФ го чека домашен натпревар против Адемар Леон.