Металург слави во градското дерби, Куманово се „лизна“ во напад за реми со Чаир

Екипата на ЖРК Металург Автокоманда дојде до полн плен во градското дерби со ЖРК Вардар (32-30) кое се одигра во рамки на плеј-офот од женската ракометна Суперлига на Македонија.

До посакуваниот резултат тимот на Јулијана Дамчевска дојде по тежок пат, затоа што младиот тим на ЖРК Вардар парираше одлично. Иако имаше 25-30 во финишот, Металург се коцкаше затоа што дозволи ривалот да дојде на 29-30, меѓутоа една игра гол за гол во финишот донесе полн плен за гостинките.

Анастасија Трпеска беше најдобра кај победникот со осум гола, пред Марија Јанкуловска со шест реализации, додека кај ЖРК Вардар, Леона Миленковска погоди десет пати.

Драматична победа извојува и ЖРК Чаир на гости кај Куманово (27-26). До победата чаирчанки дојдоа на самиот крај, беше 26-26, па се постигна гол од пенал, а во клучниот напад Куманово се обиде да погоди за реми од крило, но ракометарката се лизна и така истече времето.

Во плеј-аутот, ЖРК Ѓорче Петров 2 славеше над ЖРК Деспина (28-25), додека ЖРК Овче Поле дома ја доби ЖРК Стружанка (28-22).