Металург се враќа на европската сцена, новото поглавје го отвора од Франција!

На проблемите кои неколку години го влечеа само на назад, полека им се гледа крајот. Металург повторно наликува на оној стариот, кој ја правеше Македонија горда на многу меѓународни натпревари. 

Благодарение на одличното пазарење на раководството во летниот трансфер-период, како и на залагањето на староседелците и напорната работа на тренерот Кастратовиќ, поранешниот шампион на Македонија и редовен учесник во Лигата на шампионите, повторно ѝ се враќа на европската сцена. 

Клубот од Автокоманда мудро реагираше во преодниот рок, се засили на позициите каде што беше најтенок, а очекувано со тоа се зголемија и амбициите. Но, истите веднаш беа потврдени. Металург одигра квалитетни двомечи во квалификациите против Спачва и Кримс и ја оствари првата зацртана цел, а со тоа и отвори ново европско поглавје.

Своето деби во новото натпреварување на Европската куќа на ракометот (ЕХФ), Европската лига, Металург ќе го има во Франција и вечерва први бодови ќе брка против тимот на Тулуз.  Ако предвид ги земеме резултатите на Тулуз во домашниот шампионат, тогаш би заклучиле дека Металург сериозно може да смета на бод(ови) од овој дуел. Формата на францускиот тим не е најсјајна во последниот период, а тоа резултираше со четири врзани порази. 

Но, ако се согледа фактот што францускиот клупски ракомет веќе неколку сезони е во голем подем и со исклучок на шампионот ПСЖ, речиси секој тим од врвот може да биде поразен од секого, тогаш би констатирале дека момците на Кастратовиќ ќе мораат да бидат многу мотивирани, концентрирани, борбени и пред сè посветени, доколку сакаат со поволен резултат да се вратат дома. 

Притисокот дефинитивно е на страната на домаќинот, односно Металург растеретен влегува на овој натпревар, па можеби и тоа да биде еден од клучните фактори кои ќе го дадат победникот во премиерниот настап во ова натпреварување.

Македонскиот тим за Франција отпатува без младиот репрезентативен бек Мартин Серафимов, кој поради позитивен тест на коронавирус, остана во Скопје. Останатите ракометари се целосно подготвени и мотивирани вечерва да го дадам својот максимум за повторно да ги израдуваат своите фанови, каков што беше случајот во Цирих. 

Дуелот меѓу Тулуз и Металург се игра вечерва со почеток од 18:45 часот, а не од 20:45 како што првично беше закажан. Причината е поради новововедениот полициски час во Франција, кој започнува во 21:00 часот, па ракометарите ќе имаат време да се вратат во хотелот.