Металург промашуваше во клучните моменти и загуби од Спортинг

Македонскиот вицепрвак Металург им се врати на поразите во Лигата на шампионите и на домашен терен загуби од португалскиот првак Спортинг Лисабон (24-31), во меч во кој младите „металурзи“ не погодуваа кога беше најпотребно.

Тимот на Брестовац беше во егал четириесетина минути со далеку посилниот ривал, а потоа, со една серија од пет гола во низа, Спортинг изгради комотна предност која му гарантираше мирен финиш. Не се искористи и добрата партија на Томовски, кој заврши со 14 одбрани, но и на спротивната страна блескаше противничкиот голман Скок со 15 одбрани.

Металург тргна во натпреварот доста добро и уште на стартот дојде до солидна разлика. Прво водеше со 3-1, а потоа и со 6-3, за потоа разликата да дојде и до четири гола позитива (8-4). Расположениот Томовски беше клуч за водството, а добрата игра на тимот на Брестовац, пред се лесните голови од пивотменската позиција каде Лазаревски трипати погоди од три обида, беа знак за тренерот на Спортинг да повика тајм-аут.

По кратката пауза, гостите дојдоа на 11-9, а потоа и на 14-13, по што се играше гол за гол до паузата кога резултатот гласеше 18-17. На стартот на вториот дел од мечот следеа неколку грешки на Металург и промашени напади, кои далеку поискусниот гостин ги искористи.

Португалците од бековските позиции даваа голови, првпат поведоа со 18-19, а потоа имаа предност и од 21-24. Но, за среќа, Томовски повторно се „активира“, па Металург дојде на еден гол негатива (23-24). Домашните имаа напад и за изедначување, но преку Велковски не го реализираа, а на спротивната страна веднаш дојде казната и со два гола на Руезга во низа, Португалците ја вратија комотната предност (23-26).

Следниот напад повторно беше за Велковски и повторно следеше промашување, а капитенот Карнеиро даде нов гол, овој пат од седум метри, за високи „плус четири“ на гостите на шест минути пред финишот (23-27). Спортинг имаше и водство од пет гола (23-28), највисоки на мечот, па Металург едноставно немаше сили да се врати од бездната во самиот финиш.

Најдобар стрелец кај Металург беше Димитриоски со пет гола, Танкоски даде четири, додека Лазаревски заврши со три гола, а кај гостинот, Валдез и Руезга дадоа по пет гола. Наредниот меч во Лигата на шампионите македонскиот тим го игра на 17 ноември кога гостува во Турција кај Бешикташ.

Лига на шампиони (М), Група Ц
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 СилкеборгСилкеборг 7 6 0 1 232:186 46 12
2 СпортингСпортинг 7 5 0 2 209:189 20 10
3 Татран ПрешовТатран Прешов 7 5 0 2 192:177 15 10
4 БешикташБешикташ 7 2 0 5 177:203 -26 4
5 Чеховски МедведиЧеховски Медведи 7 2 0 5 181:193 -12 4
6 МеталургМеталург 7 1 0 6 171:214 -43 2