Металург потклекна во финишот, Вардар прокнижи нов триумф

Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар 1961 продолжи да победува во Суперлигата. На домашен терен „црвено-црните“ славеа во градската пресметка со Металург (38-30) и останаа максимални.

  • Комплетниот натпревар на Вардар 1961 и Металург:

Поради правилата за странски играчи на домашната сцена, Вујовиќ не можеше да смета на сите ракометари кои доаѓаат надвор од нашата земја и мораше да им даде поголема шанса на домашните имиња. Металург беше рамноправен речиси цела средба, но потклекна во финишот, поточно во последните пет минути во кои не постигна гол, а вардарци влегоа во серија од шест гола.

Првото полувреме потсети на старите денови на ова дерби и беше максимално изедначено. Металург иако десеткуван и со пократок ростер, играше рамноправно со далеку поквалитетниот ривал. Првите триесет минути не блескаа и одбраните, затоа паднаа дури 37 гола, а на паузата минимална предност имаше гостинот од Автокоманда (18-19). Главно дуо во екипата беа бековите Озтурк и Мане.

Вториот дел Вардар го започна далеку посериозно. Постигна четири гола во серија преку Дибиров и Моралес, го сврте мечот во своја полза (22-19) и беше полесно да се игра. Металург константно бркаше, а на петнаесетина минути пред крајот се избори за изедначување (27-27). Следеше тајм-аут за домашните, по кој Вардар понуди нова серија и од 31-30, домаќинот разигран од Талески, Дибиров и Моралес замина на 37-30, разлика доволна за победа.

Најдобар кај победникот беше Дибиров со осум гола, пред Талески и Моралес кои имаа по седум. Кај Металург најмногу се истакна Мане со девет, пред Озтурк со седум гола. Златко Хорват не настапи на овој натпревар.