Металург пак немоќен во Русија, убедливо совладан од Мешков Брест! 

По вчерашниот пораз од домаќинот Чеховски Медведи, екипата на Металург попладнево забележа уште еден неуспех на силниот меѓународен турнир во Чехово. 

Ако на вчерашниот дуел избраниците на Стојановиќ попуштија во самата завршница, денес уште од самиот старт на мечот со Мешков Брест бркаа негатива, која од минута во минута се зголемуваше, а на крај застана на -12 (26-38).

Металурзите катастрофално го отворија мечот. По првите 15 минута постигнаа само два гола, па Мешков го искористи тоа, ја најави победата и се одлепи на +6 (2-8). Ситуацијата не се подобри ниту во финишот од првиот дел, па на полувреме се замина со позитива на тимот од Брест од осум гола разлика (10-18). На стартот на вторите 30 минути, Металург влезе во нова криза и дозволи противникот да се искачи на +13, за на крај да извојува победа од убедливи 26-38.

Металург: Дупјачанец (7 одбрани), Ѓорѓески (3 одбрани), Јагуриновски 2 , Поповиќ 5 , Пецаковски , Шилегов 3, Танкоски  2, Мариќ 1, Ристовски, Лазаревски 2 , Вујовиќ, Кбилашвили 4,  Додиќ 6, Кофиловски, Стојановиќ и Арсеновски 1 .    Седмерци: 6/9.    Исклучувања: 12 минути.

Македонскиот тим шанса за прва победа ќе има утре против Стеауа, со што ќе го затвори своето учество на овој турнир.