Металург одигра одлично прво полувреме, но недоволно за победа над Нексе 

Поранешниот македонски шампион го одигра и вториот контролен натпревар во завршната фаза од подготовките за продолжението на ракометната Суперлига. Во Нашице, избраниците на Зоран Кастратовиќ беа поразени од домашниот тим на Нексе со резултат 32-28 (13-12).

Металург одигра одлични 30 минути во кои имаше мала, но постојана предност. Домашниот состав дури во последната минута успеа да стекне минимална предност и на одмор да замине при резултат 13-12.

Бидејќи резултатот на овие пријателски средби е во втор план, тренерот Кастратовиќ во второто полувреме им даде можност да играат и ракометарите кои обично имаат помала минутажа. Нексе ја искористи својата шанса и до крајот стигна до победа од четири голови разлика.

Ова беше последен пријателски натпревар на Металург на подготовките во Стара Пазова и од утре формата ќе ја темпира во својот дом во Автокоманда.