Металург одигра ефикасно, ја наполни Војводина за крај на СЕХА

Македонскиот ракометен вицепрвак Металург со победа ги заврши настапите во регионалната СЕХА-лига и на домашен терен убедливо славеше над српскиот првак Војводина (39-20), за четврта радост оваа година.

Избраниците на Брестовац лесно се справија со ривалот, кој дојде во Скопје со драстично подмладен тим. Доминацијата беше евидентна во текот на целиот натпревар, а дека Металург ќе оди на одмазда за поразот во Нови Сад, се наговести по само десет минути игра затоа што Војводина беше задржана на само еден постигнат гол. Ова беше најефикасен меч на Металург кога се работи по број на постигнати голови, затоа што тимот најмногу даде 30 на натпревар во СЕХА-лигата.

Металург тргна фуризоно во натпреварот и на стартот дојде до предност од 5-0. Војводина го даде првиот гол по седум минути игра, но и потоа следеше нова серија од пет гола на домаќинот, за убедливо водство од 10-1. Во тие моменти доминираа крилата Маџовски и Шилегов, кои постигнаа шест од десетте гола на Металург.

Гостите правеа многу технички грешки, а дека тимот не е воигран беше евидентно на паркетот. До првото двоцифрено водство Металург дојде кога водеше со 15-5, а оттогаш ниту еднаш не го испушти до финишот. На паузата, Металург имаше позитива од 19-7, а се играше брз ракомет, без прекршоци и долги прекини.

По петнаесет минути игра во второто полувреме на семафорот во СЦ „Борис Трајковски“ стоеше 31-12, предност од 19 гола која остана на страната на Металург и до самиот финиш на средбата (39-20).

Најдобри на паркетот беа Шилегов, Серафимов, Младеновиќ и Маџовски со по шест гола, Токиќ даде четири, а Арсеновски реализира три пати, додека кај Војводина прво име беше еден од ретките првотимци, Ален Овчина, со осум гола од десет обида.

Металург ја завршува СЕХА-сезоната на деветтото место на табелата со четири победи, едно реми и 13 порази. Статистички ова е најслабата сезона на македонскиот претставник откако е дел од регионалното натпреварување.