Металург не го кажал последниот збор: Џиновски триумф кај Пролет!

Екипата на Металург, иако без тренинзи и еден куп проблеми успеа да забележи нова победа во Суперлигата. Тимот од Автокоманда славеше кај Пролет (29-31) и дојде до значајни три бода во борбата за подобар пласман во македонската елита.

  • Комплетниот натпревар на Пролет 62 и Металург:

Иван Марковски и играчите немаа тренинзи цела недела. Штрајкуваа, не работеа како што е предвидено, но и покрај тоа победија кај Пролет кој важи за еден од кандидатите за пласман во еврокуповите. Иако со само десет ракометари, плус двајца голмани, Металург успеа да победи на незгодното гостување, па овој триумф е џиновски и е рамен на чудо.

Двата тима започнаа доста рамноправно, иако се очекуваше Пролет на Доне Бошковски од почетокот да додаде „гас“ и да се одлепи со оглед на краткиот ростер на Металург и многуте проблеми со кои се соочува тренерот Иван Марковски. Прв на големо изненадување зададе удар Металург, кој се одлепи на 3-6, а потоа, иако во 15. минута гостинскиот тим имаше дури две исклучувања, играта без голман вроди со плод и се зачува предноста.

Пред дваесеттата минута од натпреварот Пролет се врати, изедначи на 10-10, а брзоплетите грешки кои следеа во нападите, но и одбраните на голманите на Металург, донесоа повторно серија од 1-3 за тимот од Автокоманда и враќање на комотната позитива од три гола (11-14), која подоцна остана и на полувремето (13-16). Во 41. минута од натпреварот, гостите ја имаа највисоката предност на натпреварот од четири гола (18-22). Наместо да ја смират играта, ракометарите на Металург како да ги стигна заморот и почнаа да прават технички грешки, па Пролет предводен од Додевски и Аларов се врати, дојде на гол негатива (23-24), меѓутоа странските играчи на Металург, Хорват и Озтурк ја зедоа работата во свои раце и го вратија претходниот плус на тимот (24-27).

На три минути пред крајот резултатот во салата на Пролет гласеше 27-28, а Хорват како среден бек постигна невозможен гол, плус изнуди исклучување. Хендикеп на Пролет беше што мораше со играч помалку до крајот. Тоа го казни Озтурк, со два гола во финишот кога беше најпотребно, еден од игра и еден од пенал. Прва виолина кај Металург беше расположениот Златко Хорват со дванаесет гола, пред Халил Озтурк со седум реализации. Кај Пролет најмногу се истакна Дејан Пецаковски со седум гола, пред Виктор Додевски со шест гола.