Металург на силен турнир во Франција ќе ја бруси формата во зимската пауза

Македонскиот ракометен вицешампион, Металург, претходниот викенд ги заврши настапите во Лигата на шампионите оваа сезона, но не и интернационалните натпревари, бидејќи во зимската пауза тимот ќе замине не мини-турнеја во Франција

Оваа информација ја потврди тренерот Данило Брестовац, кој истакна дека благодарение на неговите врски, младите „металурзи“ ќе имаат можност да ја брусат формата против неколку силни француски екипи. 

„Во јануари ќе учествуваме на турнир во Гренобл, а потоа имаме договорени пријателски натпревари со уште три француски екипи од најсилната лига. За пријателски средби имав повици и од некои второлигашки екипи, но за да бидеме најдобри, мораме да учиме од најдобрите и затоа сметам дека треба да играме само со силни екипи. Во спротивно, би добиле лажна слика за нашиот квалитет. Потребно ни е добро интернационално искуство, потребна ни е добра минутажа, за да дојдеме до ситуација да му парираме на Вардар“, рече Брестовац.

Во Гренобл, Металург ќе настапи на престижниот турнир „Мастер Гренобл“, заедно со домаќинот, со шпанската Бидасоа Ирун, моментално второпласирана во АСОБАЛ-лигата, како и со францускиот Истр. Турнирот ќе се одигра на 19 и 20 јануари. Првиот ден ќе се одиграат двете полуфинални средби, а следниот ден натпреварот за третото место и финалето.

По овој турнир, во периодот од 22 до 24 јануари, Металург ќе одигра три пријателски средби на кои ќе ги измери силите со француските екипи Екс Прованс, Ним и Ст. Рафаел.