Металург конечно ги израдува фановите и го декласира Радовиш

Металург ја запиша втората сезонска победа на денешниот дуел со Радовиш (31-19) одигран во Автокоманда. Седмиот натпревар во шампионатот беше најлесен за екипата на Марковски, која настапи без Французинот Мане, кој пред два дена го напушти клубот.  

  • Комплетниот натпревар меѓу Металург и Радовиш:

Хорват и Рибеиро беа расположени за игра во првиот дел. Тие беа водечки стрелци за домашниот тим, кој одигра цврста одбрана и стигна до 14-9 по првиот половина час. Следуваше мини серија од три гола на почетокот на второто полувреме, по која гостинскиот тренер ја повика првата пауза од една минута.

Работите се одвиваа според сите очекувања на оваа средба. Фаворитот го одбрани домашниот терен и конечно им даде причина за радост на своите навивачи. Радовишани како да се откажаа во завршницата и само го чекаа истекот на времето.

Озтурк постигна осум, Хорват заврши со седум, а Рибеиро постигна пет гола за победничката екипа. Во редовите на гостинскиот тим се истакна Органџиев со шест погодоци.